ДОМА   ЗА АКК   ЧЛЕНОВИ   F.A.Q. ОСФАФ   ФИЛМОГРАФИЈА   ГАЛЕРИЈА   КОНТАКТ  
    Button Text            
                               
                               
   

Кратка историја     Сеќавања     Дваесет години на АКК

   
 

КРАТКА ИСТОРИЈА НА АКК

 
 

 

Академскиот кино клуб од Скопје, е организација за продукција на непрофесионални филмови, филмска едукација на млади кадри, како и за запознавање на луѓето со филмската уметност.    

Академскиот кино клуб е основан 1959 година, од страна на група млади филмски ентузијасти, студенти на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје, и е еден од најстарите клубови од овој тип во Македонија.

Клубот е формиран со помош на Сојузот на студентите при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Народната техника. Клубот е основан како институција под покровителство на ректоратот на Универзитетот. Во таа форма функционира и сега.

 

 

 Со формирањето на повеќето клубови при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”, меѓу кои и Академскиот Кино Клуб, е направен чекор напред кон развитокот на културата и уметноста помеѓу студентите на Универзитетот и воопшто меѓу младината.

Низ клубот ,во своето веќе пет децениско постоење, поминале голем број млади луѓе од најразлични професии, филмски ентузијасти и заљубеници во седмата уметност.

Академскиот кино клуб од Скопје, делувајќи во средината на студентите, ја шири филмската култура меѓу истите, а воедно има големо влијание при формирањето на кадрите потребни за непречената работа на нашите филмски и телевизиски куќи.

Клубот бил и останал институција која едуцира и продуцира филмски кадри кои понатаму продолжуваат професионално да работат со филм, но и филмски кадри кои прават филмови поради својата љубов кон филмската уметност.

Академскиот кино клуб е еден од најпродуктивните и најтрофејните клубови во Македонија. Неговите членови со филмовите кои ги правеле во клубот учествувале на голем број фестивали во цела Југославија и меѓународни фестивали, на кои најчесто биле наградувани.  

АКК има организирано повеќе филмски фестивали: Републички фестивали на аматерски филм во поранешна Југославија, Државни фестивали на непрофесионален филм во Македонија, како и сопствениот реномиран фестивал „ОСФАФ“ – интернационален фестивал на аматерскиот (непро-фесионалниот) филм кој се одржал 18 пати.

 

Денес клубот продолжува да егзистира преку работата на активните членови.

Долгата традиција ја продолжуваат денешните млади сили на АКК кои и покрај немањето доволно средства сепак успеваат да прават квалитетни филмови и да обезбедат континуитет на она што се нарекува „клупски живот“.

 
     
     
 

СЕЌАВАЊА ЗА ПРВИТЕ ДЕНОВИ ОД РАБОТАТА НА

АКАДЕМСКИОТ КИНО КЛУБ

 
 

ЗОРАН ДАНИЛОВИЌ

 

Некаде во месец мај 1959 година дојде Бранко Перак и Ацо Ѓурчинов, дотогашни членови од АКК-Белград, со цел да оформат и тука, во Скопје, академски киноклуб од веќе присутните, заинтересираните, предимно студенти што работеа во склоп на аматерските активности во Домот на градежниците во Скопје. Тие активности се движеа од гледање одбрани филмови до предавања од филмските работници (Саша Маркус, Бранко Гапо и др.).

Овојпат, значи во втората половина на мај (заклучувам дека беше крај на мај , бидејќи веднаш по околу дваесетдневниот курс се снимаа филмовите “Грнци” и “Прв давам камче” , и тоа во базенот во Сарај, каде што имаше капачи), се одржа тој прв курс за кој беа донесени и скрипти од Белград, а главно го водеше и предавањата ги држеше Бранко Перак, додека во некои области од елементарните филмски познавања му помагаше Ацо Ѓурчин. Колку што се сеќавам на курсот присуствуваа следниве членови: Живко Поповски, сега доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, Свето Велков, архитект, загина во земјотресот во 1963 година, Томислав Зографски, сега композитор и професор на Музичката академија во Скопје, Драган Шуплевски, сега диригент на хорот “Мирче Ацев”, Богомил Ѓузел, писател и драматург во драмскиот театар, Перо Стојановски, јас, Зоран Даниловиќ и уште околу 5-6 другари, за кои не се сеќавам поради тоа што после не учестуваа во снимањето на гореспоменатите филмови. Сите имиња на членовите на тој прв курс можат да се видат на шпицата на овие филмови каде што сме потпишани како колективни автори.

По курсот што не го посетуваа, се приклучија и други членови кои веројатно доцна дознаа за курсот, а од порано беа заинтересирани, како што се Божидар Тодоровски - Бодле, Ѓоко Василев, Влада Урошевиќ и др. Во таа прва група бевме околу дваесетина членови. Курсот се одржуваше секојдневно по три до четири часа, околу три недели, во една училница на Правен факултет. Таа четирикатна зграда е срушена по 1963 година, а се наоѓаше на сегашниот отворен паркинг карши Гранд хотел “Скопје” . Во таа масивна зграда, на курсот слушавме се за филмот: од познавањето на филмската камера, филмската лента до филмскиот јазик, сценариото, монтажата и режијата. Имаше голема желба да се совлада обемната филмска технологија. Во склопот на курсот ги гледавме и филмовите од белградските аматери што беа донесени како дополителни за предавањата. Тоа беа: “Метаморфоза”, “Бела марамица” и “Трети светски рат” во кој, на наша веселба, учествуваше и Ѓурчин.

По курсот неколку дена го повторувавме материјалот од скриптата во градскиот парк и потоа официјално и сериозно погледнавме пред двајцата другари. Сите положивме зашто знаевме и со љубов го учевме материјалот, а и ни беа ветени дипломи. За последниот час ни беше зададено да напишеме сценарија за игран, документарен и жанр филм и тогаш да одбереме по еден за колективна реализација. Се сеќавам на сценариото на Богомил Ѓузел, кусо изгледа вака: рано сабајле се буди едно момче - скопјанец и ги трие во недоверба очите - сето Скопје е издеформирано, “искршено”. Тој не може да си ја препознае улицата. Понатаму следи барање на причината за сето тоа што му се случило на градот. Искршеноста бара да се снима низ призми и други ефекти. Интересно е ваква идеја на авторот му се родиле четири години пред земјотресот во 1963 година. Драган Шуплевски го предложи следново: еден риболовец лови риби и веднаш на тавата ги пржи, при што рибите оживуваат и нарибарот му се причинуваат разни работи во врска со неговата свирепост и лакомост. Перо Стојановски предложи нешто како американски бурлески: свечено облечен човек се шета низ Скопје а ту ветерот му ја бута шапката, ту се лизнува на банана и сл.

Имаше и други идеи. Штета што не се зачувани, бидејќи некоја следна генерација може и да ги реализира.

Мислам дека беше идеја на Томислав Зографски и Ацо Ѓурчин да се снимаат “Грнци”, како документарен филм, а за игран се издвои моето сценарио “Прв давам камче”, што беше направено како стрип со цртежи и текст и, ако го најдам, ќе го приложам. Прво го реализиравме “Грнци” кај еден грнчар во Топаана: од мешаер земја до печење во печката во неговиот двор. Камерата ја имаше Томислав Зографски , а другите работеа најразлични работи. На Томе му асистираше Свето Велков. Томе го снимаше и “Прв давам камче”, некако се определи за камера. За играниот филм се договоривме Ацо Ѓурчинов и јас од тоа стрип-сценарио да книга на снимање. Едно убаво сабајле сите дојдовме во Сарај, претежно со велосипеди, а јас го возев и малото девојче од последната сцена. Сиромашкото беше вкочането, а чудо ми го дадоа моите комшии, кореографот од Танец, Атанас Коларов. Тоа девојченце сега мајка и никогаш се нема видено на тој филм. Ми се чини дека целиот филм го снимивме за еден ден. Реков, зад камерата беше Томе со асистенти, а режијата ни беше доверена на Свето Велков, Жико Поповски и на мене. Другите помагаа во се. Супервизори беа Бранко Перак и Ацо Ѓурчин. За артисти беа одбрани трите момчиња: Александар Џамбазов, Милислав Крстиќ, новинар, и Махи, сега вајар. Девојките беа нечива пријателка, црнка, плавата е сегашна жена на Ношпал и моето мало девојче Џули. Интересно, целиот базен, мислам на капачите, ни помагаа непречено да работиме и воопшто ги слушаа нашите желби. Не се сеќавам каде го монтиравме “Грнци”, но “Прв давам камче” го монтиравме Ѓурчин и јас во неговиот стан на рачна 16mm монтажна маса.

Веќе на следниот Југословенски фестивал на аматерскиот филм во Белград ги испративме овие два филма. Делегати бевме Жико Поповски, кој беше, мислам, прв претседател на клубот, Свето Велков и јас. Фестивалот се одржуваше во југословенската кинотека, а тогаш прва награда освои “Ѕид” на Кокан Ракоњац. Нашите филмови стасаа последниот ден, иако ги испративме многу порано по пошта. Бидејќи задоцнија за одредениот термин, на програмата ги пуштија последниот ден, но надвор од конкуренција. И двата филма собраа зачудувачки аплауз во преполнетата сала, а во следниот борј на НИН Адамовиќ пишуваше дека се раѓа нов центар на филмскиот аматеризам и ,така, се во суперлативи за нашите филмови. Дури им предвидуваше награди.

Нашиот престој во Белград беше многу интересен. Видовме огромен број аматерски филмови, како: “Улица на периферијата” од Живоин Павловиќ, кој тогаш беше, исто така аматер, “Споменик” и др. Се сеќавам на Александар Петровиќ, тогашна прва камера во аматеризмот, како, ни расправаше за монтирањето на дршка од пегла на камерата за да може држејќи, да трча по скалите и да снима едни интересни кадри од “Ѕид”.

По овие два филма почна масовно авторско производство на филмови, кога идеи и сценарија имаше отповеќе и кога, навистина, доста добри идеи не беа реализирани. Но, сега веќе тоа не беа почетоци и се судиравме со најразлични проблеми: од недостиг на простории до филмска техника и лента. Тогаш не финансираше Универзитетот и Нардна техника, каде што и ни беа лабораториите и монтажите во бараката што е урната, а на нејзино место сега е библиотеката “Браќа Миладиновци”.

Март 1979 г. Скопје                                                                                                  Зоран Даниловиќ

 

 

Б.Т. БОДЛЕ

АКК, НИЕ И ЈАС

 

Вечерва или, поточно ноќва помеѓу 4 и 5 март (со извинување за задоцнетото мое приспомнување за времето пред дваесет години), се обидувам по којзнае кој пат да ги вратам и моите денови пред години, за прекрасното време на нашите ентузијазми, за нашите убави љубови спрема аматерскиот филм, за нашите убави вечери на плоштадот скопски исполнети со творечки разговори што се би требало да реализираме во Академскиот киноклуб и за се она што го почнавме педесет и деветата година.

Сеќавањата навираат, но како матна вода што го преплавува оплоденото поле и, си велам, не ќе е така лесно да се забистри водата, да се појават шареникавите камчиња на минатото, да се присоберат на едно место и од нив да се изнареди низата на нашето време, на нашето работење во Клубот. И, како што обично бидува, матните течења се повлекуваат, остануваат бистри млазеви сеќавања и под нив бисерните камчиња готови за распознавање. И во документот што стои пред мене како новинарски запис во “Нова Македонија” од пролетта на шеесет и првата потпишан од Илхама Емин, стои сосема јасно изнапишано и ова:

наднаслов - ФИЛСМКО СЕКОЈДНЕВИЕ; наслов - АМАТЕРИТЕ БАРААТ ДА ГИ ЗАПОЗНАЕМЕ и потоа: ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ ДЕСЕТИНА КИНО-АМАТЕРИ ОД СКОПЈЕ ОРГАНИЗИРААТ СЕМИНАРИ НА КОИ ГИ ИЗУЧУВААТ ТАЈНИТЕ НА СЕДМАТА УМЕТНОСТ И СЕ ЗАПОЗНАВААТ СО ОСНОВНАТА СТРУЧНА ФИЛМСКА ТЕРМИНОЛОГИЈА. ПОТОА СНИМААТ ФИЛМОВИ НА ОСУММИЛИМЕТАРСКА ЛЕНТА. И СИТЕ ТИЕ РАБОТАТ БЕЗ ДА МИСЛАТ ОТИ СОЗДАВААТ УМЕТНОСТ. НО СЕПАК - СОЗДАВААТ. И СЕ НАДЕВААТ НА НЕШТО, АКО НЕ НА ДРУГО, ТОГАШ СЕ НАДЕВААТ ЈАВНОСТА ДА ГИ ВИДИ НИВНИТЕ СКРОМНИ ПОСТИГНУВАЊА. ЗБОРУВАМЕ ЗА АКАДЕМСКИОТ КИНОКЛУБ ВО СКОПЈЕ, ФОРМИРАН ВО 1959 ГОДИНА СОСЕМА СЛУЧАЈНО, КОГА ПО ГЛЕДАЊЕТО НА “ОТЕЛО” НА ЈУТКЕВИЧ, ПРЕД ЕДНО СКОПСКО КИНО, НЕКОЛКУМИНА ЕНТУЗИЈАЗИРАНИ ЉУБИТЕЛИ НА ФИЛМОТ СЕ ЗДОГОВОРИЛЕ ПО ПРИМЕРОТ НА ДРУГИТЕ ЈУГОСЛОВЕНСКИ ЦЕНТРИ И ТИЕ ДА ФОРМИРААТ СВОЈ КИНОКЛУБ. ПОМОШ ДАЛЕ СОЈУЗОТ НА СТУДЕНТИТЕ И НАРОДНА ТЕХНИКА...АЦО ЃУРЧИН, ВЛАДА УРОШЕВИЌ, ЖИКО ПОПОВСКИ, СВЕТО ВЕЛКОВ (читам и ја гледам фотографијата  во весникот на која Свето зад камера како снимател го снима мојот втор или трет аматерски филм “Глава втора” и тука, пред камерата, како артист-аматер Стефан Демирев и јас до Свето како сценарист и режисер, и не можам да не се зтреперам пред оваа фотографија заради тој прекрасен другар Свето чие срце престана да чука во скопскиот земјотрес и за Демирев што го раздели од нас тешката болест подоцна, и стојам така над парчето весник, и го враќам времето назад кога владееја и нивните животи и нашата љубов, и тешко ми е, и замолкнат останувам извесно време, палејќи по којзнае кој пат цигара оваа вечер, оваа колку пријатна толку и непријатна и жална вечер, ноќ). Читам понатаму:

ТОМЕ ЗОГРАФСКИ, ЗОРАН ДАНИЛОВИЌ, БОЖИДАР БОДЛЕ, КРУНИ ВЕТЕРОВ И ДРУГИ, КОЛЕКТИВНО ГИ СОЗДАДОА АМАТЕРСКИТЕ ФИЛМОВИ: “ПРВ ДАВАМ КАМЧЕ”, “ГРНЦИ”, “ТРИ ПЕСНИ”, “МАЖИ”, “ТРЕНДАФИЛ НА ВРЕМЕТО”, “ТУЛА”, “МАЛИОТ ДЕТЕКТИВ”, “КОН СЕБЕ”, “НА ПЕЛИСТЕР”, “ПРАЗНИК”, “МОЗАИК НА ОТПАДОЦИ”, ФИЛМОВИ ЗА СЛОБОДНИТЕ ТЕХНИЧКИ АКТИВНОСТИ, И ПРВОМАЈСКАТА ПАРАДА ВО 1960 ГОДИНА ВО СКОПЈЕ, ПОСЛЕДНИОТ ЗАВРШЕН ФИЛМ “ГЛАВА ВТОРА” И ДРУГИ МАТЕРИЈАЛИ...

И УШТЕ МНОГУ НЕШТО ИЗНАПИШАНО ВО ОВОЈ ЗАПИС НА И.Емин, и уште многу сеќавања за тие наши денови и тажни и радосни, и се така назад во таа барака во Студентскиот дом во Автокоманда, во таа широка просторија изналепена со плакати и фотографии од нашата работа, со бучна музика и со акција за дотерување на Клубот, со жешки разговори за снимените филмови и за она што уште ќе треба да почнеме да го снимаме; и сеќавања за сончевиот ден кога го снимавме во дворот на мојот стан “Мозаик на отпадоци”, тоа лудо филмче за уште полудо момче што знае и да пишува песни, и да слика, и да го рецитира Хамлет, но не и да учи за факултетот. Всушност тоа беше филм за мене, сам ја играв својата улога, додека Свето Велков ме снимаше. Си спомнувам и за “Тула” или “Цигла” и за таа наша последна (на Свето и моја) “Глава втора”, филмче-комедијче, за човекот што бара јавен клозет во градот, а таков некаде далеку постои, и за милиционерот што го гони оти помина на црвен семафор и оти никој не знае зошто тој (главниот јунак) толку брзо бега, оти го стегнува проливот кога чита во весникот дека се бара убиецот на банкарскиот службеник, и сите го бркаат, а тој на крајот издивнува влегувајќи во единствениот градски нужник. И додека слегуваше во нужникот откопчувајќи си го ременот отпорано, другарот милиционер, сосема обратно, си го стегаше каишот во знак на бес дека најпосле не може да му побегне...Ете ова го снимавме шеесет и првата, кога на улица не сретна новинарот - писателот И.Емин и за нас напиша куса репортажа во “Нова Македонија”.

И уште ми останува тагата за неснимениот мој проект на едноминутното филмче “Три капки”, во кое еден старец, седејќи во парк, ќе доживее еротска страст гледајќи во квечерината како отспротива се слекува една мома зад прозорецот. Но, кутриот, гледајќи го ова ќе почне да гасне првата капка - девојката, втората - неговото срце и третата - од листот над него, врз неговото мртво чело паѓа малечка водена капка).

Останаа проектите, поради смрти и поради други патишта во животот, нереализирани и останаа големата љубов за аматерскиот филм и за Академскиот киноклуб во кој внесовме и ние нешто.

БЛАГОДАРАМ.

Божидар Тодоровски-Бодле

 

 

ЖИВКО ПОПОВСКИ

 

Беше тоа време кога една генерација во растеж се посилно ги чувствуваше потребите од подлабоки и пошироки сознанија надвор од голата егзистенција, барајќи потврда на личноста и луѓето.

Се сретнавме, другари истомисленици, провоцирајќи се меѓусебно во здружувањето на идејата, кој ги бараше првите темели на надградба. Ацо Ѓурчин, низ примерите на аматерите од Белград, зборуваше за нивната љубов кон филмот, за истата возраст и големиот ентузијазам. Влада Урошевиќ за концептуалистичките можности на генерацијата. Јас (Живко Поповски) за моите определувања  и настојувања можностите да ги организираме, за желбата да ни се помогне во Сојузот на народната техника на Македонија, за разбирањата во УО на Сојузот на студентите при универзитетот во Скопје, за наши другари вљубеници во филмот.

 

Потоа Ацо Ѓурчинов се договори со другари од Киноклубот во Белград, со една нивна селекција на филмови да организираме пропагандни проекции во Скопје. Договорено, сторено. Народната техника ни помогна со техника (проектор), Универзитетскиот одбор со парични средства.

Од Белград дојде Арса Милошевиќ со два куфера полни со филмови. Проекциите беа закажани во салата на Народниот универзитет (бившиот француски клуб). Интересот беше над очекувањата, имавме бројна публика. Пред проекциите, во уводниот збор информиравме за формирањто на Киноклубот, вршевме упис. Најавувавме отпочнување на курс за киноаматерите кој ќе се заврши со снимање заеднички филм.

 

Клубот беше организиран во рамките на Универзитетот во Скопје како АКАДЕМСКИ КИНОКЛУБ. Беше избрана управа на Клубот, а негов прв претседател беше Живко Поповски. Истовремено беше извршена регистрација во Сојузот на народната техника на Македонија. Во пролетта 1959 година почна и првиот курс за киноаматери.

 

Се собраа: Свето Велков, Зоран Даниловиќ, Миле Крстиќ, Томе Зографски, Драган Шуплевски, Божидар Тодоровски и др. Предавач на курсот и инструктор беше истакнатиот аматер на Белград Бранко Перак. По завршувањето на курсот кој траеше еден месец со секојдневната настава, се разгледуваа неколку сценарија што ги предлагаа слушателите на курсот и се избра синопсисот за филмот “ПРВ ДАВАМ КАМЧЕ” (16mm).

 

Со првите летни денови по извршените подготовки започна и снимањето на филмот на базенот во Сарај. Со филмска лента и камера ни помогна Народната техника. Членовите сами го развиваа филмот во импровизираната лабораторија на Народната техника. Филмот се монтираше во еден претпростор на тогашниот стан на Ацо (Ѓурчин), а парчиња од филмот може да се видат по целиот стан. Филмот беше готов, а првите проекции - радост и поттик. Филмот се вртеше низ проекторот на јавни и приватни проекции, бројот на заинтересираните растеше, а вербата во можноста за реализација се потврдуваше. Во меѓувреме членовите го снимија и вториот филм ГРНЦИ (16mm) документарен по жанр.

 

Во 1960 година Клубот организираше втор курс за киноаматери, а како слушатели пак се појавија студентите на Скопскиот универзитет и неколку ученици од средните училишта. Курсот исто така, заврши со снимање, сега веќе неколку филмови, и тоа со авторски третман во однос на сценариото, камерата, режијата, како резултат на што се појавија неколку авторски филмови во Клубот. Се појавија и се издвоија киноаматерите за кои филмот стана животно определување и со тоа Клубот добива авангардна форма на ШКОЛА ШТО ЌЕ ЈА ПОСЕТУВААТ:

Зоран Даниловиќ, Божидар Тодоровски-Бодле, Коле Малинов - сите режисери во ТВ Скопје, Александар Ѓурчинов, Кирил Ценевски, Зоран Младеновиќ-Окан, Стево Црвенковски, Миле Грозданоски - режисери во Вардар-филм од Скопје, и уште ред други кои професионално се занимаваат со филмот.

 
     
     
 

ДВАЕСЕТ ГОДИНИ НА АКАДЕМСКИОТ КИНО КЛУБ

 
 

Со формирањето на повеќето клубови при Универзитетот, меѓу кои и Академскиот киноклуб е направен чекор напред кон развитокот на културата и уметноста помеѓу студентите на Универзитетот и воопшто меѓу младината.

Академскиот киноклуб од Скопје, делувајќи во средината на студентите, ја шири филмската култура меѓу истите, а воедно има големо влијание при формирањето на кадрите потребни за непречената работа на нашите филмски и телевизиски куќи.

Во текот на својата непрекината, дваесет годишна активност, низ редовите на Академскиот киноклуб поминале многу младинци кои денес работат и се афирмирани во филмската и другата уметност во Републиката.

Во 1959 година група млади филмски ентузијасти го формираат Академскиот киноклуб, прв аматерски киноклуб во Македонија, а меѓу првите во Југославија. Овие младинци, тогаш студенти на скопските факултети, го поставуваат камен-темелникот на овој клуб над кој се надградиле двасет години непрекинат растеж.

Во текот на овие дваесет години низ редовите на Академскиот киноклуб поминале многу младинци од сите структури, но сепак најбројни биле студентите. Многу од поранешните членови на Академскиот киноклуб денес се познати и признати филмски и општествено политички работници, кои и денес го даваат својот дел во изградбата на нашето социјалистичко општество: Кирил Ценевски, Александар Ѓурчинов, Живко Поповски, Драган Шуплевски, Зоран Даниловиќ, Божидар Тодоровски - Бодле, Тихомир Бачовски, Илинденка Петрушева, Миле Грозданоски.

Денес Академскиот киноклуб има околу 150 членови, претежно од редовите на студентите на Универзитетот, но тука се и учениците и работниците.

Активноста на клубот е насочена, во прв ред, кон проширување на филмската култура меѓу младите, не само во градот туку и во Македонија, а со тоа и во Југославија. За таа цел клубот секоја година организира семинари од областа на филмот и филмската уметност, кои ги посетуваат и до 150 слушатели во еден семинар. По завршувањето на семинарот слушателите имаат можност да ја продолжат својата работа во клубот. Предавањата на овие семинари ги изведуваат филмските работници од Вардар-филм и Телевизија Скопје. Меѓу позначајните манифестации кои ги приредува Академскиот киноклуб од Скопје е и традиционалниот ОСФАФ (Општо-југословенски  студентски фестивал на аматерскиот филм), кој има за натпреварувачки карактер и на кој, со свои остварувања, учествуваат киноаматери од цела Југославија.

Клубот активно соработува и со другите киноклубови и општествено политички организациии од Скопје и републиката, помагајќи ја нивната работа и организирањата на фестивалите. Така минатата година клубот учествуваше во реализација на фестивалите во Прилеп, Републичкиот фестивал, ФЈАЦЕФ (фестивал на југословенскиот аматерски цртан и експериментален филм), АСТРОФЕСТ (астронаутски фестивал) и други манифестации.

Академскиот киноклуб и со другите клубови и друштва при Универзитетот и надвор од него како на прмер со: Универзитетската конференција на феријалниот сојуз на Македонија, Клубот за меѓународно пријателство на младината и студентите, Домот на младите “25 Мај” и други организации. Така на пример во соработка со клубот за меѓународно пријателство на младината и студентите Академскиот киноклуб ја спроведува акцијата “Студентски филмски понеделник”. Имено, секој понеделник  (во последно време вторник), во студентскиот дом “Гоце Делчев” Академскиот кино клуб врши проекција на професионални филмски остварувања од југословенски и светски автори. За приемот на оваа манифестација кај младината и студентите зборува и секогаш преполнетата сала на овој дом. Во рамките на соработката на Академскиот киноклуб со Универзитетската конференција на феријалниот сојуз на Македонија клубот организира семинари за филмот и филмската уметност во феријалното летувалиште во Претор.

Во рамките на својата редовна клупска дејност членовите на клубот снимаат аматерски филмови кои потоа се испраќаат на фестивалите низ Југославија и Европа и скоро секогаш се враќаат со некоја награда или признание. Овие аматери, изградувајќи се како комплетни автори, снимаат филмови со тематика од нашето социјалистичко самоуправно општество и на тој начин допринесуваат за неговата изградба. За квалитетот на филмовите сведочат и преполнетите витрини со плакети и дипломи добиени на разни фестивали на југословенскиот аматерски филм. Меѓу позначајните награди и признанија да ги споменеме само: првата, втората и третата награда на Републичкиот фестивал во категоријата на анимирани, цртани и документарни филмови; втора награда на сојузниот фестивал на аматерски филм во категоријата на анимирани филмови; прва награда за експериментален филм на III ФЈАЦЕф; трета награда и специјална на истиот фестивал. Да кажеме и тоа дека филмот “Потрошувачка психологија” е предложен да учествува на фестивалот на УНИЦЕФ кој ќе се одржи во Москва.

Оваа година, кога Универзитетот ја слави триесет годишнината од своето постоење , во неа се вклучува и Академскиот киноклуб од Скопје со прикажување на филмови од својата продукција и прикажување на “филмови за Тито” . Исто така Академскиот киноклуб ќе врши снимање на прославата со што ќе придонесе за нејзино овековечување.

Како организација која служи за негување и пропагирање на аматерскиот филм и филмот воопшто, Академскиот киноклуб од Скопје навистина го оправдува своето постоење во рамките на културниот живот во градот и Републиката.

Во оваа јубилејна година Академскиот киноклуб ќе ги зголеми уште повеќе своите активности проширувајќи ја соработката со другите клубови и градови. Покрај ова предвидени се и прикажувања на филмови од клубот на факултетите, вишите школи и училишта низ Републиката. Во оваа година Академскиот киноклуб ќе организира и семинари на некои од работните акции што се изведуваат во Македонија, придонесувајќи за ширењето на филмската култура меѓу младината. Академскиот киноклуб ќе земе учество и во “Неделата на младите творци” , која е во организација на Републичката конференција на сојузот на социјалистичката младина на Македонија.

За да се одбележи се ова постигнато за овие дваесет години непрекинат растеж на Академскиот кино клуб, за време на одржувањето на веќе традиционалниот ОСФАФ, ќе организира прослава со свечена академија и другарска вечер - средба на генерации и членови на клубот. На оваа прослава ќе бидат поканети и гости од општествено-политичките организации и клубови со кои клубот соработува во текот на својата работа. На поединци и организации кои најмногу придонеле за постоењето, работата и резултатите на Академскиот киноклуб од Скопје.

Славејќи го овој јубилеј на Академскиот киноклуб воедно го славиме и јубилејот на македонскиот аматерски филм.

Скопје, 1979

 

Текстот е составен по повод 20 годишната јубилејна прослава на АКК

 
     
 

2006 Академски Кино Клуб.

Сите права се задржани.